Основан во 1969 година, Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје претставува водечка високообразовна и научноистражувачка институција во областа на текстилното инженерство во Република Македонија. Повеќе од пет децении Институтот образува високо квалификувани инженери, магистри и доктори на науки кои успешно придонесуваат за развојот на текстилната, конфекциската и модната индустрија, како и на сродните индустриски гранки.
Образованието на текстилните инженери се темели на интеграција на природните, техничките и инженерските науки, со цел студентите да стекнат знаења и вештини за моден дизајн, производство, функционализација, испитување и контрола на текстилните материјали и облека. Наставата ги опфаќа сите сегменти од текстилниот синџир, од влакна, предива и ткаенини, преку процесите на предење, ткаење, плетење, облагородување и конфекционирање, до модниот дизајн на облеката, нејзинат конструкција и производство, како и развојот и примената на современи технички и паметни текстилни материјали.
Посебен акцент се става на современите технологии, одржливото производство, циркуларната економија, рециклирањето на текстилните материјали, развојот на функционални и високоперформансни текстили, како и примената на дигитални технологии и иновативни инженерски решенија во текстилната индустрија.
Институтот својата образовна мисија ја реализира преку современи студиски програми на сите три циклуси на високо образование:
- додипломски студии, студиска програма Дизајн и инженеринг на облека (ЛИНК);
- магистерски студии, студиска програма Менаџмент на конфекциско производство – МКП (ЛИНК), Текстилна хемиска технологија и текстилна екологија – ТХТТЕ (ЛИНК);
- докторски студии, ЛИНК.
Студиските програми се внимателно креирани за да обезбедат цврста основа во фундаменталните инженерски дисциплини, комбинирана со практична работа во лаборатории, проектна настава и соработка со индустријата. На тој начин студентите развиваат аналитичко размислување, инженерски пристап во решавањето на проблемите и компетенции кои се високо ценети на домашниот и меѓународниот пазар на трудот.
Научноистражувачката работа на Институтот опфаќа широк спектар на современи истражувачки области, меѓу кои:
- моден дизајн на облека;
- моделирање, конструкција и производство на облека;
- развој и модификација на текстилни влакна и материјали;
- функционализација на текстил со напредни површински третмани;
- огноотпорни, антимикробни, UV-заштитни и други функционални текстили;
- паметни и технички текстили;
- текстилна хемија и екологија;
- одржливи технологии и циркуларна економија;
- рециклирање и повторна употреба на текстилни материјали;
- контрола на квалитет и стандардизација на текстилните производи.
Преку бројни домашни и меѓународни научноистражувачки проекти, соработка со универзитети, научни институции и компании, Институтот активно придонесува кон развојот на науката, трансферот на технологии и унапредувањето на конкурентноста на текстилната индустрија.
Со современа лабораториска инфраструктура, искусен наставно-научен кадар и силна поврзаност со индустријата, Институтот за текстилно инженерство продолжува да создава инженери кои успешно одговараат на предизвиците на современото производство, одржливиот развој и глобалниот технолошки напредок.


