• Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
    Технолошко-металуршки факултет

Category Archives: Биотехнологија

Студентите на ТМФ креираа три иновативни пива во соработка со Пивара Скопје

Студентите од насоката Прехранбена технологија и биотехнологија при Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) успешно развија три крафт пива – Ruby Sour, Green Theory и Mountain Nectar, како резултат на соработката со Пивара Скопје.

Проектот беше реализиран под менторство на проф. д-р Донка Донева-Шапческа и м-р Деспина Костадинова Јанковски, во партнерство со стручниот тим на технолози од Пивара Скопје. Во текот на процесот студентите активно учествуваа во сите фази на создавање на пивото – од подготовката, преку современите производствени технологии и лабораториските анализи, до сензорската евалуација на финалните производи.

Оваа иницијатива им овозможи на студентите практично да ги применат знаењата стекнати на факултет и да се запознаат со реалните процеси во прехранбената индустрија. Практичното искуство што го стекнаа претставува значајна основа за нивниот понатамошен професионален развој.

Најголемата вредност на оваа соработка е отвореноста на Пивара Скопје кон младите идни инженери, преку споделување знаење, искуство и практична експертиза. Ваквите партнерства претставуваат пример за успешна соработка меѓу академската заедница и индустријата и создаваат мотивација и самодоверба кај новите генерации професионалци.

Трите студентски крафт пива – Ruby Sour, Green Theory и Mountain Nectar – ќе бидат претставени и достапни за дегустација по завршувањето на официјалниот дел од настанот, како симбол на успешната соработка помеѓу ТМФ и Пивара Скопје.